Голем успех за фотографот Глигор Максимовски и Фото клуб МОТУС на меѓународната изложба „Православље на интернету“
Фотографот Глигор Максимовски, член на Фото клуб МОТУС, оствари нов меѓународен успех освојувајќи Диплома за колекција фотографии на 21. Меѓународна изложба на фотографии „Православље на интернету 2026“. Изложбата е во организација на Друштвото на љубители на фотографијата, филмските и видеотворбите „Беофото“ од Беочин, Република Србија, а се одржува под покровителство на Фото-сојузот на Србија.
Во исклучително силна конкуренција на автори од повеќе земји, стручното жири, составено од истакнати мајстори на фотографијата, додели три дипломи за колекции фотографии, од кои едната заслужено му припадна на нашиот член Глигор Максимовски.
Тој се претстави со визуелно впечатлива и духовно длабока колекција фотографии, составена од три дела со наслови „The Purification Ritual“, „The Divine Elevation“ и „Humility Before the Divine“. Преку својот препознатлив уметнички израз, Максимовски успеа на уникатен начин да ја долови суштината на православната духовност и естетика, уште еднаш потврдувајќи го своето високо место во светот на уметничката фотографија.
Овој успех претставува значајно признание и за Фото клуб МОТУС, кој континуирано работи на промоција и афирмација на мултикултурните и уметничките вредности во Македонија и надвор од неа. Преку своите активности и успесите на своите членови, клубот придонесува за меѓународна промоција на македонската уметничка фотографија.
Изложбата „Православље на интернету 2026“ ќе биде отворена на 12 ноември 2026 година, кога публиката ќе има можност да ја погледне и наградената колекција фотографии на Глигор Максимовски.
Gallery