МОТУС АРТ 2026 – Групна ликовна изложба
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности МОТУС од Куманово со задоволство Ви ја најавува својата прва групна ликовна изложба под наслов „МОТУС АРТ 2026“.
Изложбата има за цел да придонесе кон промоцијата и популаризацијата на современата македонска ликовна уметност, како и кон афирмацијата на домашните ликовни уметници и нивното творештво пред пошироката јавност.
На изложбата ќе учествуваат 12 автори од Македонија: Јоана Арсовска, Боро Арсовски, Гоце Божурски, Драган Бошковски, Далибор Јовановски, Владимир Лазески, Данчо Ордев, Александар Стефановски, Христина Стојчевска, Лара Ташковска, Емилија и Стојче Тоциновски и Мирослав Мики Трендафиловски, кои со своето творештво претставуваат различни пристапи и изрази во современата ликовна уметност.
Пред публиката ќе бидат претставени околу триесет дела, изработени во техниките масло на платно, акрил на платно и акварел, преку кои посетителите ќе имаат можност да се запознаат со различни авторски пристапи, ликовни изрази и творечки преокупации.
Свеченото отворање на изложбата ќе се одржи на 3 септември 2026 година (четврток), со почеток во 19:00 часот, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
„МОТУС АРТ 2026“ претставува нова иницијатива на Здружението МОТУС во областа на културата и уметноста и воедно прва изложба од ваков карактер во организација на здружението. Со нејзината реализација, МОТУС продолжува со своите активности насочени кон збогатување на културниот живот и создавање можности за презентација и афирмација на современото македонско уметничко творештво.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Општина Куманово преку Годишната програма за култура, со што се потврдува значењето на поддршката на локалните културни иницијативи и развојот на културната и уметничката сцена.
Здружението МОТУС ги поканува сите љубители на уметноста, уметници, културни работници и граѓани да присуствуваат на отворањето и да уживаат во творештвото на дванаесетте учесници на „МОТУС АРТ 2026“.