МОТУС-АРТ 2026 – Успешен почеток на новата ликовна приказна на Здружението МОТУС
Куманово доби уште еден значаен културен настан посветен на современото ликовно творештво. Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности МОТУС од Куманово успешно ја реализираше својата најнова културна иницијатива – Групна ликовна изложба „МОТУС-АРТ 2026“.
Свеченото отворање се одржа на 3 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во изложбениот простор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, пред бројна публика која со својот интерес и присуство го збогати отворањето на изложбата.
На „МОТУС-АРТ 2026“ беа претставени 26 ликовни дела, создадени во техниките масло на платно, акрил на платно и акварел. Со своите дела учествуваа Јоана Арсовска, Боро Арсовски, Гоце Божурски, Драган Бошковски, Далибор Јовановски, Владимир Лазоски, Данчо Ордев, Александар Стефановски, Христина Стојчевска, Лара Ташковска, Емилија и Стојче Тоциновски и Мирослав Мики Трендафиловски, претставувајќи различни авторски пристапи, ликовни изрази и творечки преокупации.
Особено радува фактот што отворањето беше посетено од стотина љубители на уметноста, ликовни уметници, уметнички фотографи, ученици, наставници, културни работници и граѓани, како и гости од Куманово, Скопје и други места, што претставува силна потврда за интересот на јавноста за ликовната уметност и културните содржини.
Целта на изложбата е афирмација и популаризација на ликовните уметници од Куманово но и од Македонија, создавање простор за нивна презентација пред пошироката публика и поттикнување на развојот и промоцијата на современото македонско ликовно творештво.
За здружението МОТУС, „МОТУС-АРТ 2026“ претставува нов чекор во неговото дејствување на полето на културата и особено ликовната уметност, со кој се отвора простор за нови културни содржини, уметнички соработки и афирмација на домашните автори.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Општина Куманово преку Годишната програма за културни манифестации, со што уште еднаш се потврдува значењето на поддршката на локалните културни иницијативи и уметничката сцена.
Изложбата „МОТУС-АРТ 2026“ ќе биде отворена за јавноста до 17 септември 2026 година, а од МОТУС ги повикуваат сите љубители на уметноста да ја посетат и да уживаат во делата на учесниците.
Во прилог на видео запис од отворањето на изложбата.
https://www.youtube.com/shorts/GpC5TKC_u8Q
Gallery